Нисан продава акции на францускиот Рено за да собере средства за развој на нови модели

Новиот извршен директор на јапонскиот „Нисан“, Иван Еспиноза, изјави дека производителот на автомобили има намера да го намали својот удел во францускиот партнер „Рено“, објави во понеделник бизнис-весникот „Никеи“.

„Нисан“ и „Рено“ објавија во март дека се согласиле да го намалат потребниот минимален удел што го поседуваат двете компании во заедничка сопственост на 10 проценти, од претходните 15 проценти. Според тој договор, секоја продажба на акции на трета страна мора да биде одобрена од другата страна и вклучува право на вето.

Со продажба на 5 проценти од акциите на Рено, Нисан би можел да собере околу 100 милијарди јени (640 милиони долари) по тековни пазарни цени, а тие пари би биле корисни за Нисан, кој би ги инвестирал во развој на нови модели, во сегашните тешки деловни услови, објави Никеи. Нисан моментално поседува 15 проценти од францускиот Рено.

Веста доаѓа веднаш откако Рено во неделата објави дека извршниот директор, Лука де Мео, ја напушта компанијата за нова работа надвор од автомобилската индустрија. Според францускиот весник „Ле Фигаро“, Де Мео ќе стане прв човек на Керинг, концернот за луксузни стоки кој е сопственик на Гучи.

„Ги намалуваме взаемните акции, со цел да инвестираме во возила“, рече Еспиноза во интервју за Никеи. Нисан рече дека нема промени во договорот за соработка со Рено. „Доколку има продажба на акции во иднина, се очекува дека приходите првенствено ќе бидат наменети за инвестиции во развој на нови производи. Сепак, во оваа фаза не се донесени конечни одлуки“, одговори Нисан на медиумско прашање.

Потенцијалната продажба би означила уште еден чекор во ослабувањето на блиските врски меѓу двете компании, кои траат повеќе од две децении. „Рено“ одделно има удел во „Нисан“ контролиран од француска фондација, која постепено го намалува својот удел од 2023 година, кога „Нисан“ и „Рено“ ги променија условите на нивниот глобален сојуз за да го стават „Нисан“ на порамноправна основа.

На почетокот на јуни, агенцијата за кредитен рејтинг Мудис го намали рејтингот на Нисан, со негативна перспектива. Третиот најголем производител на автомобили во Јапонија, Нисан, во мај објави отпуштања на околу 11.000 вработени, односно околу 15 проценти од целата работна сила, како и затворање на седум од 17 производствени погони низ целиот свет.

Во фискалната година што заврши во март, Нисан имаше оперативен приход од само 472 милиони долари, што е пад од 88 проценти во однос на претходната година. Нисан веќе некое време се бори со послаба продажба на клучните пазари како што се САД и Кина. Во последниве години, Нисан го даде приоритет на обемот на продажба, па дистрибутерите се ослободија од залихите со чести промоции и попусти, што аналитичарите велат дека денес му наштетило на брендот.