Хрватска: Во туризмот, келнерите се најбарани, а пица мајсторите се најдобро платени

Во пресрет на шпицот на туристичката сезона на хрватскиот Јадран, сè уште има 2.000 активни огласи за работа во угостителството и туризмот, за кои се нуди просечна нето плата од околу 1.250 евра, што е девет проценти повеќе од минатата година, кога изнесуваше 1.136 евра.

Како и во сите претходни години, најбараната професија е келнер, кој, според анализата на порталот MojPosao, е платен во просек од околу 1.178 евра.

„Во оваа професија е забележано зголемување од 11 проценти, додека рецепционерите заработуваат просечна плата од 1.162 евра, односно 12,5 проценти повеќе од минатата година. Чистачите и чистачките забележаа најголем релативен раст, со просек од 961 евро, што е зголемување од дури 16 проценти во споредба со минатата сезона. Пица мајсторите заработуваат во просек 1.559 евра, што е за 14 проценти повеќе од претходната година“, рече Ален Мрвац од порталот „МојПосао“ за хрватскиот портал „Индекс“.

Фото: Pixabay