Прекин во работа на Термоблок 2 во РЕК Битола – можна саботажа, полицијата на терен

Утрово, Термоблокот 2 во РЕК Битола беше автоматски исклучен од електроенергетскиот систем поради активирање на заштитниот механизам, кој реагирал на зголемена температура. Според првичните информации, причината за исклучувањето е опожарување на дрвени елементи во близина на ормарот за електронско управување, што покрена сомнежи за евентуална саботажа.

Од РЕК Битола информираат дека веднаш по инцидентот биле активирани сите оперативни протоколи, а за случајот е известена криминалистичката полиција. Полициски екипи во моментот вршат увид на местото на настанот со цел да ги утврдат околностите и можните намери зад настанатата ситуација.

По завршувањето на увидот, технички екипи на комбинатот ќе започнат со детална анализа за да ја проценат евентуалната штета и прецизно да ја утврдат причината за зголемената температура.

Во моментов, производството на електрична енергија во РЕК Битола се одвива со намален капацитет. Термоблокот 1 е во редовен годишен ремонт, додека Термоблокот 3 е исклучен поради намалената побарувачка од Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.

И покрај овој инцидент, од АД ЕСМ уверуваат дека снабдувањето со електрична енергија за државата е стабилно. Потребите на домаќинствата и економијата се покриваат преку зголемено производство од хидроелектраните и преку купопродажба на електрична енергија од страна на МЕМО.

Очекувањата се дека во наредните денови ќе има повеќе информации за причините и евентуалната заднина на инцидентот, како и планот за враќање на блокот во функција.