Кинескиот извоз на ретки елементи, клучни за автомобилскиот сектор, падна на најниско ниво во последните пет години

Кинеските испораки на магнети од ретки земни метали во странство се преполовија во мај во однос на април и паднаа на најниско ниво за повеќе од пет години поради ограничувањата на извозот.

Овој месец, пишува Ројтерс, Пекинг објави дека ќе го забрза процесот на одобрување, отстапка направена откако САД и Кина се согласија за намалување на трговските тензии.

Во меѓувреме, извори од индустријата сведочат дека кинеските царински службеници стануваат сè повнимателни во ракувањето со товари од ретки земни метали.

Кина, најголемиот светски производител на магнети од ретки земни метали, која сочинува повеќе од 90 проценти од глобалната понуда, на почетокот на април одлучи да воведе ограничувања за извоз на седум производи од средна до тешка категорија на вакви магнети.

Одлуката ги потресе синџирите на снабдување кои се критични за автомобилскиот, воздухопловниот, полупроводничкиот и воениот сектор низ целиот свет.

Минатиот месец, Кина извезе 1.238 метрички тони перманентни магнети од ретки земни метали, што е намалување од 52,9 проценти во однос на април и најниско ниво на извоз во еден месец од февруари 2020 година, покажаа податоците од Генералната царинска управа на Кина во петокот.

Испораките во април исто така се преполовија во споредба со март, додека на годишна основа во мај беа за 74 проценти пониски.

Извори претходно исто така изјавија дека царината ги задржува некои пратки на магнети од ретки земни метали со пониски перформанси што се користат во домашните апарати и потрошувачката електроника поради неизвесноста околу примената на извозните ограничувања на Пекинг.

Кинеското Министерство за трговија во четвртокот соопшти дека е одобрен „одреден број“ барања за извозни лиценци за ретки метали, но не објави дополнителни детали.

Фото: Pixabay