
Пo недели пад, доларот порасна во однос на кошницата валути минатата недела бидејќи ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран ги поттикна инвеститорите да бараат побезбедни засолништа за нивниот капитал.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на шесте главни валути, минатата недела се зголеми за 0,6 отсто на 98,77 поени. Еврото се лизна за 0,2 отсто на 1,1525 долари. Американската валута зајакна и во однос на јапонскиот јен, за 1,3 отсто и достигна 146,05 јени.
Доларот веќе подолго време е под притисок поради нејасната, каприциозна тарифна политика на американскиот претседател Доналд Трамп, а неговата вредност во однос на кошницата валути неодамна се лизна на најниското ниво во последните три години. Меѓутоа, откако пред десетина дена започна ракетниот истрел меѓу Израел и Иран, доларот донекаде закрепна, бидејќи се смета за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња.