
Вредноста на земјоделското производство во Европската Унија во 2025 година изнесуваше 558,7 милијарди евра (по основни цени), што претставува раст од 4,8 проценти во споредба со 2024 година (532,9 милијарди евра).
Ова најново зголемување го продолжи трендот на раст, достигнувајќи нов максимум, според Европскиот завод за статистика – Евростат.
Вкупните трошоци за стоки и услуги што се користат во процесот на производство, познати како меѓупотрошувачка, се зголемија за 1,8 проценти и достигнаа 309,1 милијарди евра во 2025 година. Според тоа, бруто додадената вредност на земјоделскиот сектор се зголеми на 249,5 милијарди евра (+8,8 проценти).
Речиси половина (48,9 проценти) од земјоделското производство во ЕУ во 2025 година дојде од растително производство (273,2 милијарди евра), додека малку повеќе од две петтини (42,6 проценти) дојде од добиток и производи од добиток (238,2 милијарди евра). Останатиот дел (8,5 проценти) се однесуваше на земјоделски услуги и секундарни активности (47,3 милијарди евра). Вредноста на производството на растителни култури во 2025 година беше за 1,6 проценти повисока отколку во 2024 година, додека вредноста на производството на добиток се зголеми за 9,2 проценти.
Вкупната вредност на земјоделското производство се зголеми во 22 од 27-те земји на ЕУ. Највисок раст е забележан во Романија (+13,6 проценти), по што следат Чешка, Ирска, Естонија, Словачка и Австрија, со стапки на раст што надминуваат десет проценти. Од друга страна, вредноста на земјоделското производство се намали во Грција (-2,9 проценти) и Кипар (-1,8 проценти), како и во Португалија, Финска и Малта (во сите овие случаи падот беше помал од -1,0 проценти).












