
Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, предупреди дека нападите на САД врз Иран минатиот викенд би можеле негативно да влијаат на глобалниот економски раст, доколку последиците се прошират надвор од енергетскиот пазар.
Во разговор за Блумберг ТВ, Георгиева рече дека кризата на Блискиот Исток ја зголемува глобалната неизвесност. „Го гледаме ова како уште еден извор на неизвесност во веќе многу нестабилното опкружување“, рече Георгиева, според Гардијан.
Таа истакна дека ММФ внимателно го следи движењето на цените на енергијата и предупреди дека порастот на цените на нафтата може да има пошироки економски последици.
„Можни се секундарни и терцијарни ефекти. Да речеме дека се појавува поголема нестабилност што би ги загрозила перспективите за раст во големите економии – тоа би можело да предизвика верижна реакција и да доведе до намалување на прогнозите за светскиот раст“, предупреди шефицата на ММФ.
Георгиева изрази надеж дека нема да има прекин во синџирите за снабдување со енергија: „Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата. Се молам тоа да не се случи“, рече Георгиева.
ФотоPrintscreen