
Скапотијата која ја чувствуваат граѓаните го зголемува притисокот за раст на платите. Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија на едно семејство за да го протурка месецот му биле потребни 64.698 денари, а ако живее под кирија 80.073 денари. Пресметките покажуваат дека минималните трошоци во јуни се зголемени за 790 денари во споредба со мај, а на едно семејство за храна и пијалaци му биле потребни дури 23.167 денари.
Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека откако завршија активните владини мерки, вредноста на синдикалната минимална кошница за два месеци е зголемена за 2.007 денари, додека кај храната и пијалaците за два месеци има зголемување за 1.678 денари.
-Последниве два месеци откако се тргна мерката за замрзнати маржи особено се зголемија цените на основните прехранбени производи. И покрај тоа што Владата најавуваше дека примената на Законот за нефер трговски практики ќе го спречи растот на цените овој закон во пракса никако да профункционира. Трговците и понатаму се договараат за цените на одредени производи и ги качуваат. Од друга страна, ние сме увозно зависни од храна, што значи дека увозните производи се многу поскапи од домашните. Освен царината и транспортот тука се и маржата на увозниците, дистрибутерите, трговците. Храната што се увезува поминува низ повеќе раце и секој си ја гледа својата заработувачка и на крај граѓаните плаќаат поскапо, изјави за „Локално“, Љупчо Радовски од ССМ.
Според него, не треба да гледаме колкаво е зголемувањето на платите, туку колку реално вредат истите. Односно што и колку сме можеле да купиме со истите пред една година и што можеме да купиме сега.
-За два месеци храната е поскапена за речиси 1.700 денари, што значи дека инфлацијата веќе го изеде зголемувањето на платите. Поради тоа ние бараме платите и на работниците не само на фунционерите да растат со повисока стапка. Ако државата сака да го спречи понатамошното осиромашување и растот на сивата економија мора да најде начин како да ги зголеми платите и да го зачува стандардот на граѓаните, додава Радовски.
Граѓаните се согласни дека пазарењето во маркетите им ги јаде платите и дека парите веќе немаат вредност. Ако порано за илјади денари може да испазариш за неколку дена, сега неможеш ниту за еден ден.
Целиот текст на Локално.мк