
Подобрувањето на различните гранки на стопанството и зголемената потреба за работна сила ја претворија Албанија во атрактивна дестинација за работници од странство.
Директорката за услуги на пазарот на трудот во Националната агенција за вработување и вештини, Гертиола Чепани, изјави за медиумите дека континуирано се зголемува бројот на странски државјани кои се вработени во државата. “Албанија се смета за една од земјите со економски развој и интересот на странците за работа во нашата земја се зголемува. Според официјалните податоци, крајот на 2024 година заврши со 13 илјади странци кои работат во Албанија”, рече Чепани.
Во исто време, расте и бројот на компании кои бараат дополнителен персонал, и тоа од различни области. “Најзначајни се претпријатијата кои ја прошируваат својата дејност во сектори како што се сместување и угостителство, градежништво, трговија на големо и мало, преработувачка индустрија и други. Најбарани профили се шанкери, келнери, готвачи или помошници готвачи, или професии поврзани со ниско или средно ниво на образование”, изјави таа.
Чепани додаде дека странските граѓани кои доаѓаат да работат во Албанија се од различни држави, меѓу кои се издвојуваат Турција, Италија, Косово, Филипините и Индија, оценувајќи дека двете услуги понудени на платформата “е-Албанија” за пакетот “Единствена дозвола” им го олесниле на бизнисите комплетирањето на документацијата.
Според медиумите, спротивно на официјалната статистика, бројот на странци кои пронаоѓаат работа во Албанија е многу повисок, бидејќи голем дел од нив се ангажирани во земјоделството, рибарството и градежништвото, каде што работат нелегално. Исто така, во хотелиерството и угостителството работат странци без да бидат регистрирани во соодветните служби.