Енергетиката како стратешко оружје – Македонија мора да делува проактивно

Македонската економија беше засегната по конфликтот меѓу Израел и Иран, а тоа се почувствува и врз цената на нафтата и нафтените деривати. Стопанството смета дека мора да имаме долгорочна стратегија, за да не се соочуваме со последици. Дополнителен проблем, според бизнисмените, е тоа што Македонија е увозно зависна земја. Од Владата велат дека ја следат состојбата и не чекаат да се случи нешто за да се преземат мерки. Се поставуваше дилемата дали ако продолжи воениот конфликт можно е да дојде до подгревање на инфлацијата и дали ќе се зголемат производните трошоци… По стартот на војната помеѓу Израел и Иран, цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години, тие пораснаа за повеќе од 4% во само еден ден.

Околу тоа дали се очекува стабилизација на цените, дел од аналитичарите велат дека динамични се случувањата со цената на нафтата, берзата е сензитивна на секоја ново настаната геополитичка ситуација што е поврзана со „патот на нафтата“. Според експертот за енергетика и екс-директор на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски, последната недела сите научивме зошто е значаен Ормутскиот теснец, и будно се следеше дали и во која мера ќе се реализираат заканите за блокирање на ова стратешко место, кое е главна транспортна рута за нафта во светот.

-Од цената на нафтата зависи доминантен дел од транспортниот сообраќај, кој пак е поврзан со формирање на крајната цена на секој еден продукт – од авионска карта, до се она што го имаме на маса дома за ручек. Во големата слика, тоа пак значи и подгревање на инфлацијата и намалување на куповната моќ на секој граѓанин, истакнува Николовски во разговор за „Локално“.

Ако ги следиме хронолошки настаните поврзани со геополитиката, посочува Николовски, лесно може да се види дека енергетските аргументи, се клучно „оружје“ во преговорите и во одбрана на суверенитетот на секоја држава – без разлика дали е тоа протокот на природен гас, нафта..

-Во пресрет на зимата кога Русија ја нападна Украина, сведоци бевме на видеа кои „протекоа“ на социјалните мрежи со кои се упатуваше јасна суптилна порака дека постои реална опасноста Европа да се заледи, доколку се стопира испораката на руски гас. Затоа енергетиката се смета за стратешка област на делување на секоја држава. Очекувам стабилизација на цените доколку војната престане. Вие гледате дека самата најава за примирје веќе ги бутка цените надоле на берза, наведува соговорникот.

Николовски нагласува дека треба будно да се следи состојбата и да се делува, во однос на тоа како земјава траба да се постави.

-Секако во глобалните процеси, големите држави се главни, но последиците ги чувствуваме сите. Државата е тука да се грижи да го заштити стандардот на граѓаните, постојат механизми – мудро да се одмери што ќе даде резултат: дали е делување преку намалување на акциза, ддв или преку таргетирана помош на дел од секторите каде дејноста им е доминантно зависна од транспортот – потрошувачката на нафта, истакнува експертот.

Сепак, според Николовски, нема мирен период кога е енергетиката е во прашање – од атрактивни високи цени за електрична енергија за инвеститорите, до незамисливо реални негативни цени.

-Навидум се чини дека пазарот е презаситен, но јас ценам дека сега по „Елдорадото“ на фотоволтаици, кога сериозно се зголеми инсталираната моќност на производство од обновливи извори, што пак во тоа време-невреме не извади сите од комфор зоната и се случи неверојатен инвестициски циклус, што пак допринесе за да се намалат сметките за струја на компаниите, сега следува период на соодветно надградување на овој микс на енергии. Примарно треба  да се стави фокус кон реализација на когенеративни постројки (како ТЕТО) со што ќе се зајакне енергетската сувереност на државата и паралелно да се направи агресивна реализација на енергетската инфраструктура, затоа што енергетската транзицијата не е замислива без инвестиции во преносните капацитети, оценува поранешниот директор на Агенцијата за енергетика.

Складирањето на енергија во батериски системи, тврди Николовски, ќе го амортизира хипер производството на струја и истата ќе се складира за да може да се троши во ноќните часови, кога на берза е скапа.

-Пазарните сигнали треба да се следат и да се оди со похрабри и издржани одлуки затоа што реализацијата на енергетските стратешки капацитети бараат време. Веќе треба да се има план за оваа, но и за следната зима. Несомнено е дека мора да се има национален консензус кога енергетската сувереност е во прашање. Истата мора да се бетонира со реализација на ХЕЦ Чебрен и со изградба на когенеративни постројки што подразбира гаранција за достапност на струја и парно, но воопшто во широка смисла и на сите енергенси во секое време, по фер цена, анализира Николовски.

Целиот текст на Локално.мк

Фото: pixabay