
Крајниот рок за постигнување трговски договор меѓу Европската Унија (ЕУ) и САД за царините се приближува, а во Брисел преовладува мислењето дека е потребно да се изрази „веродостојна закана“ со одмазднички мерки ако се сака да се постигне добар исход во трговскиот конфликт предизвикан од американскиот претседател Доналд Трамп.
Бјорн Зајберт, шеф на кабинетот на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, им рече на амбасадорите од земјите-членки дека веројатноста за силен одговор од ЕУ ќе помогне да се убеди американската администрација да ги намали царините на ЕУ, соопштија два извори запознаени со ова прашање.
Дури и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој оваа недела во Бундестагот изјави: „Подготвени сме да искористиме разни можности ако нема договор. Можеме и ќе ги браниме нашите интереси“.
Трамп се закани со таканаречени реципрочни царини од 50 проценти за членките на ЕУ ако нема напредок во преговорите до 9 јули. Годишниот трговски дефицит на САД со ЕУ е речиси 200 милијарди евра.
Но, она што постојано виси во воздух како можна закана, а се чини дека ЕУ сега е јасно подготвена да ја користи таа алатка, е вклучувањето на услужниот сектор во пресметките каде што САД имаат трговски суфицит и наметнувањето бариери од страна на Брисел во тој сегмент би имало значително влијание врз економските интереси на САД.
Според Зајберт, претседателот на ЕК е подготвен да се закани со одмазда за да добие подобар договор.
Тој побара од земјите-членки да го поддржат пакетот царински давачки за американска стока во вредност од 95 милијарди евра и додаде дека ЕК веќе подготвува мерки во сегментот на услуги, кои може да вклучуваат давачки за американските технолошки компании и ограничување на пристапот до договори за јавни набавки за американските компании.
Еден од европските претставници изјави дека е потребен цврст лост со убедлив пакет на балансирачки давачки.
Досега, земјите-членки одобрија царини до 50 проценти за годишен увоз на американска стока во вредност од 21 милијарда евра, но спроведувањето е одложено до 14 јули со цел да се даде простор за преговори.
Патем, тој пакет првично имаше вредност од 26 милијарди евра, но износот беше намален бидејќи Франција, Италија и други земји кои произведуваат алкохол во значителна мера протестираа дека вклучувањето на американското виски и вино ќе го натера Трамп да постави царини од 200 проценти.
Во Брисел се плашат дека новиот пакет може да наиде на слични проблеми во некои земји-членки.
Ирска побара одредени прехранбени производи, авиони и медицинска опрема да бидат исклучени, а Белгија успеа да ги отстрани дијамантите од листата.
Европските преговарачи приватно признаа дека нема да можат да го убедат Трамп да ја укине основната царина од 10 проценти за целиот увоз. Она што сакаат да го постигнат сега е да ги намалат дополнителните царини за челик и автомобили, а потенцијално и за полупроводници и фармацевтски производи.
ЕУ е подготвена да разговара за нетарифните бариери што им го отежнуваат работењето на американските компании во Европа, но еден од преговарачите, Матијас Јергенсен, изјави во Европскиот парламент дека тоа не може да вклучува промена на регулативите, односно на правната рамка. Она што може да се направи е да им се помогне на американските компании да се прилагодат на европските правила, објавува „Фајненшл тајмс“.
„Преговараме што е можно поактивно, но треба да ја разгледаме и можноста, што всушност е многу реална, царинските давачки или дел од нив да останат непроменети“, тврди Јергенсен.
Фото: Pixabay