
САД постигнаа спогодба со Кина за начинот на кој ќе се интензивираат пратките на ретки земјени метали, соопшти синоќа претставник на Белата куќа, во зенитот на напорите за завршување на трговската војна меѓу најголемите светски економии.
Претседателот Доналд Трамп претходно изјави дека САД во средата потпишале договор со Кина, без да даде дополнителни детали, и дека може да се постигне посебен договор што ќе ја „отвори“ Индија.
За време на разговорите во Женева во мај, Кина вети дека ќе ги отстрани нетарифните противмерки наметнати на САД од 2 април, иако не беше јасно како ќе ги поништи некои од тие мерки. Имено, во рамките на својата реторзија на новите американски давачки, Кина го стопираше извозот на широк спектар критични минерали и магнети, со што ги поремети синџирите на снабдување кои се од суштинско значење за автомобилската, полупроводничката, воздухопловната и воената индустрија.
“Американската администрација и Кина се согласија за дополнителен рамковен договор за спроведување на Женевскиот договор”, изјави синоќа функционер на Белата куќа за британските медиуми, додавајќи дека договорот се однесува на тоа „како повторно да ги забрзаме испораките на ретки земни метали во САД“, рече тој. Друг функционер на администрацијата изјави дека договорот меѓу САД и Кина е постигнат претходно оваа недела.
“Тие ќе ни испорачуваат ретки земни метали и кога ќе го сторат тоа, ние ќе ги укинеме нашите контрамерки”, изјави американскиот министер за трговија Хауард Лутник за Блумберг. Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар.
Фото: Pixabay