Најголемиот број кинески производители на електрични автомобили нема да преживеат до 2030 година

Само 15 од 129-те компании што моментално продаваат електрични и хибридни возила во Кина ќе останат финансиски одржливи до крајот на оваа деценија, бидејќи жестоката конкуренција поттикнува консолидација или излез од пазарот, според консултантската фирма АликсПартнерс.

Овие 15 компании на крајот треба да заземат 75 проценти од кинескиот пазар, а секоја би можела да има годишна продажба од околу еден милион автомобили. AlixPartners не ги објави имињата на брендовите за кои смета дека ќе ја сочинуваат групацијата.

Сепак, според анализа објавена од Ројтерс, консолидацијата на пазарот на електрични автомобили во Кина всушност може да биде побавна отколку на некои други пазари, едноставно затоа што локалните власти веројатно ќе продолжат да ги охрабруваат неодржливите компании поради нивната важност за локалната економија во однос на одржувањето на работните места и синџирите на снабдување.

Кинескиот автомобилски пазар е најголем во светот и во моментов се соочува со вистинска ценовна војна и значителен прекапацитет на фабриката, што сето тоа влијае на профитабилноста. Освен BYD и Li Auto, ниту еден друг котиран производител на електрични автомобили не остварил годишен профит во последниот извештаен период.

Кинеските регулатори ги повикаа производителите на автомобили да ја прекинат ценовната војна, но од „АликсПартнерс“ велат дека тоа веројатно нема да се случи, односно војната ќе продолжи со помалку директни методи како што се бескаматно финансирање или субвенционирање на осигурување.

Стапката на искористеност на капацитетите во кинеските фабрики за автомобили минатата година падна на просек од 50 проценти, што е најниско ниво во последните 10 години.