Бесент: Околу 100 земји ќе се соочат со царини од 10 проценти

Соединетите Американски Држави ќе воведат давачки од 10 проценти за приближно 100 држави, објави синоќа американскиот министер за финансии, Скот Бесент, дополнувајќи дека очекува “бран” трговски спогодби пред истекот на рокот на 9 јули, кога тарифите треба значително да се зголемат.

Ако сто држави бидат зафатени со давачки од 10 проценти, тоа би било помалку од 123-те земји што првично ги предвиде администрацијата на Трамп.

Во април, американскиот претседател привремено ги намали давачките за сите држави на 10 отсто за да им овозможи време да преговараат.

Многу земји со почетна царинска стапка од 10 проценти се уште не преговарале со Трамп, со исклучок на Велика Британија, која во мај постигна спогодба за одржување на стапка од 10 посто и доби повластен третман во некои сектори.

Клучните трговски партнери кои моментално се во разговори со САД би можеле да се соочат со повисоки давачки, вклучувајќи 20 отсто за Европската Унија, 26 проценти за Индија и 24 посто за Јапонија.

Другите држави кои не се во разговори со Трамп би можеле да се соочат со уште повисоки давачки – вклучувајќи 50 отсто за Лесото, 47 проценти за Мадагаскар и 36 посто за Тајланд.

Во среда, американскиот претседател соопшти дека склучил договор со Виетнам со кој давачките за многу виетнамски стоки ќе се намалат на 20 проценти од првичните 46 отсто и ќе им се даде на многу американски стоки пристап без царина до виетнамскиот пазар.