Годишната инфлација во Турција во јуни се намали повеќе од очекуваното

Годишната стапка на инфлација во Турција во јуни се намали од мајските 35,4 проценти на 35,1 процент, објави Турскиот институт за статистика (Туркстат).

Аналитичарите на Блумберг прогнозираат дека годишната стапка на инфлација во Турција ќе биде малку повисока и ќе изнесува 35,3 проценти.

Ова е тринаесетти последователен пад на инфлацијата во Турција на годишно ниво, што сега е најниско од ноември 2021 година.

Цените на храната и безалкохолните пијалоци во Турција се зголемија за 30,2 проценти на годишно ниво, во споредба со 32,9 проценти во април, додека инфлацијата на домувањето и комуналните услуги се намали од мајските 67,4 проценти на 65,5 проценти.

Сличен тренд е забележан и во угостителската индустрија, бидејќи цените во хотелите, кафулињата и рестораните се зголемија за 35,6 проценти на годишно ниво наспроти 36,9 проценти, а цените во здравствената заштита за 38,7 проценти, забавувајќи во споредба со 40,1 процент во мај.

Забрзување на годишната инфлација е забележано во транспортот, од 24,6 проценти во мај на 27,7 проценти, како и во секторот за рекреација и култура, а цените на облеката и обувките исто така пораснаа со побрзо темпо.

Годишната базна инфлација во Турција малку се зголеми од мајските 35,4 проценти на 35,6 проценти, се додава во извештајот.

На месечна основа, потрошувачките цени се зголемија за 1,4 проценти во јуни, што е најбавното темпо за шест месеци.

Експертите веруваат дека падот на инфлацијата би можел да ја охрабри Централната банка на Турција (TCMB) да ја намали референтната каматна стапка уште овој месец, објавува Bloomberg.

Централната банка на Турција ја задржа својата клучна каматна стапка на 46 проценти во јуни, но во тоа време посочи дека има простор за олабавување на монетарната политика доколку инфлацијата продолжи да забавува.