Раст на приходите од патарини: За шест месеци инкасирани речиси 31 милион евра

Приходите од патарини во првата половина од годинава изнесуваат 1.900.255.930 денари (30,89 милиони евра), што е за 78 милиони денари повеќе во споредба со истиот период лани.

Очекуваниот пораст на електронската наплата би требало да се зголеми со надополнувањето на електронските уреди – М-карта и М-таг – преку разгранета мрежа на продажни места низ целата земја, за што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) наскоро ќе објави оглас за избор на оператор.

Во системот Отворен Балкан досега се регистрирани 5077 македонски и 8500 српски тагови. “ЈПДП бележи континуиран раст на приходите од наплата на патарина,” се наведува во соопштението.

Од почетокот на 2025 година до денес, вкупниот приход за првото полугодие е 1.900.255.930 денари, што е за 78.000.000 денари повеќе во споредба со истиот период во 2024 година.

“Што се однесува до начинот на плаќање, во сериозен раст е употребата на ЕНП електронска наплата на патарина, и ова укажува на тренд на зголемна дигитализација и побрз проток на сообраќај на патарините,” изјави за МИА Коце Трајановски, директор на ЈПДП.

Наплатата е 99,6 проценти, што, како што потенцира Трајановски, значи дека се намалува и процентот на таканаречените „неплаќачи“.

Собранието минатата недела ги усвои измените на Законот за јавни патишта, со кои се создаде правна основа за објава на оглас за избор на оператор за поставување малопродажна мрежа низ државата за надополнувањето на електронските уреди – М-карта и М-таг. Целта е да се овозможи полесна достапност на уредите за електронска наплата, имајќи ги предвид придобивките од користењето таг, што се покажа како успешен начин на наплата во рамките на Договорот Open Balkan. Тоа досега можеше да се прави само во просториите на ЈПДП.

Според Трајановски, искуствата во другите држави покажуваат дека електронските уреди за наплата на патарина станале подостапни до корисниците на автопатот, а бројот на корисниците се зголемил повеќкратно. Тој најавува дека огласот за избор на правни лица кои се овластени за продажба, дистрибуција и наплата на патарина со уреди за електронска наплата (таг), ќе се изврши веднаш по стапувањето во сила на измените на Законот за јавните патишта.

“Придобивки од сето ова би биле намалување на времето на чекање, односно забрзување на протокот на сообраќај на наплатните станици, зголемување на ефикасноста на наплатните станици, зголемување на безбедноста во сообраќајот, намалување на злоупотребите и зголемување на задоволството на корисниците, односно граѓаните,” вели Трајановски.

Тој уверува дека наплатните капацитети се подготвени за летната сезона и се работи на олеснување на протокот на сообраќајот. “Да, наплатните капацитети се подготвени, согласно со динамиката на зголемување на собраќајот по автопатиштата, така и ние се адаптираме на условите.”

“Сообраќајот како жива материја е секогаш со осцилации, но во постојан пораст. Поради тоа се ангажирани повеќе капацитети за да се справиме со потенцијалните гужви и да го олесниме нормално движење долж коридорите,” вели Трајановски.

Заедничкиот интегриран електронски систем за патарини во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ покажува добри резултати. Регистрирани се 5077 македонски тагови во системот Отворен Балкан, како и 8500 српски тагови. “Секако дека логирањето на системот кое е обврска на корисникот на микробрановиот транспордер (ТАГ) е со одредена процедура, но ги покажува вистинските придобивки и резултати,” велат од ЈПДП.

ЈПДП исто така споделува дека е во тек подготовка на проектна документација за затворен систем за електронска наплата на патарина на Коридор 8. Во однос на модернизирањето на наплатните станици и на процесот на наплата на Коридорот 8 веќе се изработува документација за реконструкција на наплатната станица Миладиновци за поставување електронски систем за наплата.

Електронски систем за наплата на патарините во државава е воведен од јули 2019 година на наплатните станици Романовце, Отовице, Сопот и Градско на Коридорот 10, како и на Петровец. На Коридорот 8, наплатната станица Глумово профункционира како целосно електронска на 4 април минатата година, а Желино се трансформираше во електронскиот систем еден месец подоцна.

Со неодамнешните измени на Законот за јавни патишта се воведе и можност за дигитално евидентирање на јавните патишта. Тоа, според образложението од Министерството за транспорт, е од особена важност во однос на евиденцијата и сега се воведува како параметар неопходен за подобро функционирање на системот за управување со патни средства на јавните патишта.

Конкретно, се предвидува обврска за дигитално евидентирање на јавните патишта кои се во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта – државните патишта, како и во надлежност на општините и Градот Скопје – општинските патишта, со соодветен референтен систем и стационажа, како и доставување на евиденцијата на општинските патишта до ЈПДП.

Се уредува и рокот во кој би се воспоставил Единствениот систем за управување со патни средства на јавни патишта кој се однесува на општиниските патишта, како и во кој рок општините и градот Скопје треба да отпочнат со водење на евиденција во овој систем, за јавните патишта кои се во нивна надлежност.

Со законските измени се проширува на кои места, односно јавни патишта може да се постават и применуваат мерки за забавување на сообраќајот во согласност со прописите за безбедност во сообраќајот, имајќи ги предвид случувањата од последните неколку години за начините на управување со моторни возила во населени места и често неприлагодување на брзините на патот што придонесуваат до зачестени сообраќајни несреќи кои за жал завршуваат и со многу лош исход.