САД заработија 100 милијарди долари од царини, а очекуваат 300 милијарди долари до крајот на годината

Министерот за финансии Скот Бесент изјави во вторник дека САД досега собрале околу 100 милијарди долари приходи од царини, а таа сума би можела да се зголеми на 300 милијарди долари до крајот на годината, бидејќи собирањето се забрзува како дел од трговската кампања на претседателот Доналд Трамп.

Бесент, зборувајќи на состанок на кабинетот во Белата куќа, рече дека значителни приходи од новите царини почнале да пристигнуваат дури во вториот квартал, кога Трамп воведе речиси универзална царина од 10 проценти за увоз во САД и ги зголеми царините за челик, алуминиум и автомобили.

Портпаролот на Министерството за финансии, пишува Ројтерс, појасни дека целта од 300 милијарди долари се однесува на 31 декември, а не на крајот на фискалната година на владата, што е 30 септември.

Достигнувањето на 300 милијарди долари приходи од царина оваа година би значело експоненцијален раст на наплатите во наредните месеци, како и широко зголемување на царинските давачки од сегашните нивоа.