
По повеќе од една деценија присуство на Балканот, регионалната телевизија Ал Џезира Балканс престанува со работа. Одлуката за затворање, според неофицијални информации, е донесена во Доха, а наводно зад тоа стојат финансиски причини.
Иако конкретните причини сè уште не се официјално наведени, упатените тврдат дека станува збор за деловна проценка на матичната компанија во Катар, која одлучила да ја затвори оваа регионална филијала.
Ал Џезира Балканс е основана во 2011 година со седиште во Сараево, а со текот на годините разви мрежа од редакции во Белград, Загреб, Скопје, Подгорица, Љубљана и Приштина. Беше препознатлива по својата документарна програма и регионални теми, а особено се издвојуваше по фактот дека беше првиот канал на Ал Џезира што емитуваше содржина на јазиците на поранешна Југославија, а не на арапски или англиски јазик.
Веста за затворањето е изненадувачка за дел од јавноста, како и за вработените, бидејќи Ал Џезира Балканс долго време се смета за една од професионално најстабилните медиумски компании во регионот.
Останува да се види како ќе се развива ситуацијата понатаму и дали ќе има обид да се задржи дел од програмата или брендот во друг формат.











