
Линда Јакарино вчера ненадејно објави дека ја напушта позицијата извршен директор на компанијата X, по две години на чело на социјалната мрежа во сопственост на најбогатиот човек во светот – Илон Маск. Во објава на X, Јакарино посочи дека самата ја донела одлуката, иако е познато дека Маск честопати одеднаш ги заменува своите соработници.
На социјалните мрежи се појавија шпекулации дека Јакарино била отпуштена откако четботот Grok, развиен од компанијата на Маск xAI, генерирал серија објави во кои се изразува восхит кон Адолф Хитлер и се промовира антисемитска содржина.
„Главите паѓаат по катастрофата со Grok. И бидејќи не можете да го промените сопственикот, извршниот директор е жртвено јагне“, објави Спенсер Хакимијан, 26-годишен директор во хеџ фондот Tolow Capital, кој управува со 85 милиони долари.











