
Руските власти имаат запленето имот со проценета вредност од приближно 50 милијарди американски долари од почетокот на војната во Украина, според ново истражување објавено од московската адвокатска канцеларија НСП (Некторов, Савељев и партнери).
Студијата, првично објавена од весникот „Комерсант“, го опишува овој феномен како дел од економски модел наречен „Крепост Русија“, со цел да се изолира економијата и да се воспостави државна контрола.
Во текот на изминатите три години, претседателот Владимир Путин издаде неколку декрети со кои се дозволува одземање на западните имоти во Русија како одговор на, според Москва, “нелегалните дејства” на Западот. Меѓу оние кои беа погодени се германската енергетска фирма „Унипер“ и данскиот производител на пиво „Карлсберг“.
Покрај странските компании, некои значајни руски фирми исто така се најдоа на удар на национализацијата, било поради потреба од “стратешки ресурси”, било поради обвинувања за корупција, повреди на процесот на приватизација или лошо управување.
И покрај тоа што руската економија покажа поголема отпорност од очекуваното, нејзината номинална вредност во 2024 година е околу 2,2 трилиони долари, што е значително помалку од економиите на Кина, ЕУ или САД, според податоците на ММФ.
Путин тврди дека заминувањето на западните компании и овозможи на домашната индустрија да напредува. Тој повикува на “нов модел на развој”, спротивно на она што тој го нарекува “застарена глобализација”.
Повеќе од 1.000 западни компании, вклучувајќи ги „Мекдоналдс“ и „Мерцедес-Бенц“, го напуштија рускиот пазар, некои преку продажба или предавање на контролата на локалните менаџери, додека други преку конфискација на нивните средства.











