ЕУ го поздравува трговскиот договор со САД и покрај критиките од индустријата

Европската Унија се согласи на трговски договор со американскиот претседател Доналд Трамп со кој се наметнува царина од 15 проценти за поголемиот дел од европскиот извоз во САД, официјален Брисел го поддржа договорот, но реакциите во клучните земји-членки беа поделени, а индустријата во Германија отворено изрази загриженост, објавува Блумберг.

„Договорот со САД обезбедува предвидливост и стабилност за компаниите и потрошувачите, не треба да заборавиме од каде почнавме – Трамп претходно спомена царини од 50 проценти“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по средбата со Трамп.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц проценува дека овој договор „избегнал трговски конфликт што сериозно би влијаел на извозно ориентираната германска економија“, но индустријалците од неговата земја веруваат дека дури и договорената пониска царина од 15 проценти ќе има сериозни последици.