
Федералните резерви на САД (ФЕД) во среда одлучија да ја задржат својата клучна каматна стапка непроменета, и покрај притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп за намалување на трошоците за задолжување.
Трамп дополнително го зголеми притисокот врз ФЕД во среда наутро. Тој на социјалните мрежи изјави дека податоците за растот на БДП за вториот квартал се многу подобри од очекуваните и повторно побара намалување на каматните стапки, објавува „Волстрит џурнал“.
Комитетот за отворен пазар на ФЕД гласаше за задржување на референтната каматна стапка во опсег од 4,25 до 4,50 проценти, што е во сила од декември. Целта на овој потег е да се ограничи инфлацијата. Двајца членови на одборот не се согласија и гласаа за намалување на стапката за 0,25 проценти.
Одлуката за одржување на постојната каматна стапка беше очекувана на финансиските пазари.
Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, и другите членови на Комитетот за отворен пазар на ФЕД досега се спротивставија на зголемениот притисок од Трамп за намалување на каматните стапки. Трамп постојано го критикуваше Пауел, обвинувајќи го за лошо управување со реновирањето на седиштето на ФЕД во Вашингтон, а исто така повика на пониски стапки за да се намалат трошоците за камати што владата ги плаќа за националниот долг.











