
Луксузниот моден бренд Гучи, кој половина од вкупната продажба и две третини од оперативната добивка ѝ носи на својата матична компанија Керинг, во вториот квартал од 2025 година забележа пад на приходите за дури 25 проценти во споредба со истиот период минатата година, а нивните скапи ткаенини се продаваат полошо во речиси сите поголеми региони во светот.
И тоа откако сличен пад беше забележан во првите три месеци, пишува Фајненшл тајмс.
Иако Керинг има и други познати брендови во своето портфолио – Сен Лоран, Ботега Венета, Баленсијага и Александар Меквин – ни тие не се снаоѓаат добро и нема да можат да го компензираат слабиот бизнис на Гучи. Продажбата на Ив Сен Лоран, вториот најголем бренд, исто така падна за 10 проценти во кварталот зад нас.
„Иако бројките што ги објавуваме сè уште се далеку под нашиот потенцијал, уверени сме дека нашите сеопфатни напори во текот на изминатите две години поставија солидна основа за следните фази во развојот на Керинг“, уверува Франсоа-Анри Пино, претседател на одборот и извршен директор.
Финансискиот директор Армел Пулу додаде дека продажбата на „Гучи“ се подобрила кај северноамериканските клиенти, додека „Ботега Венета“ и нејзината дивизија за очила пораснале за едноцифрена бројка во периодот.
Кога сè ќе се собере, оперативниот приход на „Керинг“ во првата половина од годината сепак се намалил за 39 проценти на 969 милиони евра, што е првенствено последица на падот на „Гучи“, кој надминал 50 проценти.











