
„Сити банка“ ја зголеми прогнозата за цената на златото за следните три месеци од 3.300 на 3.500 долари за унца (31,1 грам), а очекуваниот опсег на тргување на 3.300-3.600 долари (претходно 3.100-3.500 долари), објаснувајќи дека перспективите за економски раст и инфлација во Соединетите Американски Држави се влошени на краток рок.
„Се очекува загриженоста за инфлацијата предизвикана од американските царини да остане висока во втората половина од 2025 година, што, заедно со послабиот долар, ќе придонесе за умерен раст на цената на златото кон нови рекордни максимуми“, соопшти банката, според Ројтерс.
Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп воведе високи царини за увоз од десетици трговски партнери, вклучувајќи ги Канада, Бразил, Индија и Тајван. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир рече дека овие царини веројатно ќе останат на сила и нема да бидат ублажени како дел од тековните преговори.
Доларот ослабе минатата недела откако бројот на вработени надвор од земјоделскиот сектор се зголеми за само 73.000 во јули, додека во јуни беше ревидиран на само 14.000.
Златото традиционално се смета за безбедно засолниште во време на политичка и економска нестабилност и обично бележи раст во услови на ниски каматни стапки. „Сити“ проценува дека вкупната побарувачка за злато се зголемила за повеќе од една третина од средината на 2022 година, речиси двојно зголемувајќи ја цената до вториот квартал од 2025 година.











