
Странските инвеститори поседуваат поголем дел од водечките германски компании котирани на Франкфуртската берза, според нова студија на консултантската фирма EY.
Поточно, инвеститорите од Северна Америка го зголемиле својот удел во 40 компании од германскиот DAX индекс минатата година.
Според податоците од 2024 година, странските инвеститори поседуваат 52,6 проценти од сите акции во рамките на индексот DAX 40, а германските инвеститори само 33,1 процент.
Останатите акции не може јасно да се поврзат со одредена земја или регион.
Американските инвеститори значително го зголемија својот удел од 2010 година, од 17,1 на 25,4 проценти. Во исто време, уделот на европските инвеститори се намали од 25,7 на 22,9 проценти.
EY вели дека бројките се однесуваат на акции за кои биле достапни целосни податоци за сопственост во текот на целиот период.
Во 2024 година, котираните компании исплатиле околу 54 милијарди евра дивиденди. Речиси половина од таа сума, односно 26,9 милијарди евра, отишле кај странски акционери.
Домашните инвеститори добија 21,7 милијарди евра, додека остатокот е непознат.
Само џиновската осигурителна компанија „Алијанц“ од Минхен исплати 3,5 милијарди евра дивиденди на странци.
Дијагностичката компанија „Кијаген“ пријави најголем удел на странска сопственост – дури 93 проценти, додека „Порше“ остана претежно во германски раце со 88 проценти.
Хенрик Алерс, директор на EY за Германија, истакна дека многу компании се толку глобално ориентирани што денес Германија е само еден од многуте пазари.











