БП откри најголемото нафтено и гасно поле во последните 25 години

Британската енергетска компанија БП објави дека го открила најголемото нафтено и гасно поле во последните 25 години, што дополнително потврдува дека компанијата се враќа на фосилните горива, нејзините традиционални извори на профит, по години обиди за премин кон обновливи извори на енергија.

Локацијата се наоѓа во басенот Сантос, во длабоки води на 400 километри од источниот брег на Бразил, објавува Би-Би-Си.

Извршниот потпретседател на компанијата, Гордон Бирел, изјави дека тоа е „најголемото откритие на БП во овој век“ и додаде дека изградбата на нов производствен центар во регионот е во фаза на разгледување.

БП неодамна беше предмет на интензивни шпекулации за преземање, што го натера домашниот конкурент Шел да изјави кон крајот на јуни дека „нема намера“ да даде понуда.

Акциите на компанијата пораснаа за околу 3,3% од почетокот на годината.