Брегот на Слоновата Коска ќе бара нови пазари за какаото ако Трамп воведе царини од 15 проценти

Брегот на Слоновата Коска ќе бара нови пазари за своето какао доколку администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја исполни својата закана за воведување царини од 15 проценти на производот од четврток, изјавија двајца владини претставници во африканската земја.

Еден од претставниците на Министерството за земјоделство додаде дека Брегот на Слоновата Коска има алтернативи во овој високо конкурентен сектор.

„САД прават спротивното од она што треба“, рече претставникот.

Најголемиот светски производител на какао, Брегот на Слоновата Коска, моментално извезува до 300.000 метрички тони годишно во САД, покажуваат официјалните бројки.

Во 2023 година, оваа сума имаше вредност од 368 милиони долари, или околу 10 проценти од вкупниот извоз на какао на Брегот на Слоновата Коска, што ги прави САД четвртиот најголем пазар на оваа земја, зад Холандија, Малезија и Белгија.