
Порталот „Еуроњуз бизнис“ го анализираше европскиот пазар на трудот со цел да утврди кои сектори вработуваат најмногу.
Според огласите за работа на Indeed, глобалната платформа за регрутирање, инсталација и одржување, продажбата и управување се меѓу петте водечки сектори во Велика Британија, Германија, Франција и Холандија.
Работните места за инсталација и одржување сочинуваат 14,5 проценти од сите огласи во Германија, што е исто така најголем удел во таа земја, девет проценти во Холандија, 6,9 проценти во Франција и 5,7 проценти во Велика Британија.
Работниците за одржување, објаснува Euronews, извршуваат широк спектар на поправки на инфраструктурата, опремата и алатките во многу индустрии. Тие исто така помагаат да се обезбеди непречено работење со проверка и сервисирање на машините и објектите.
Техничарите за инсталација се одговорни за правилна и навремена инсталација на системи и уреди за бизниси и станбени клиенти, што ги прави многу барани во многу сектори.
Менаџерските позиции сочинуваат 10,2 проценти од огласите за работа во Велика Британија, по што следат 10,1 процент во Холандија, 7,6 проценти во Франција и 6,4 проценти во Германија.
Продажбата претставува 9,9 проценти од огласите за работа во Германија, по што следат 9,2 во Франција, 8,5 во Холандија и 6,7 проценти во Велика Британија. Indeed нагласува дека повеќето компании се потпираат на квалификувани продажни тимови за да генерираат приходи и да го поттикнат успехот на бизнисот.
Подготовката и сервирањето храна, исто така, покажуваат висок удел во три земји: 10,4 проценти во Велика Британија, каде што е највисок меѓу сите сектори, 7,8 проценти во Франција и 5,9 проценти во Холандија. Нема податоци за Германија бидејќи тој сектор не е вклучен во збирката податоци.
Административната помош е исто така многу барана. Нејзиниот удел во огласите за работа е 7,2 проценти во Германија, 4,7 во Обединетото Кралство, 4,4 во Холандија и 3,6 проценти во Франција.
Просечно во четирите земји, развојот на софтвер е на шесто место со 3,9 проценти удел во објавените работни места. Германија води со пет проценти, по што следат Холандија со 3,8, Франција со 3,5 и Велика Британија со 3,1 процент.
Indeed го дефинира развојот на софтвер како „активност што се занимава со креирање, воспоставување, имплементација и дизајнирање на компјутерски програми“.











