Дали Европа ќе смрзнува, Катар се заканува дека ќе го прекине снабдувањето со гас

Додека Европа се справуваше со растечката енергетска криза, Германија во ноември 2022 година склучи договор со Катар за увоз до два милиони тони течен природен гас (LNG) годишно.

Договорот е дел од пошироката стратегија на Европа за намалување на зависноста од рускиот гас по инвазијата на Москва во Украина.

Сега, речиси три години подоцна, Катар се заканува дека ќе ги прекине испораките на течен природен гас (ТПГ) за Европа поради спор околу директивата на Европската унија насочена кон подобрување на етичките стандарди во глобалната трговија,  пренесува Политика рс.

Германскиот весник „Велт“ објави дека катарските власти испратиле писма до владите на неколку земји-членки на ЕУ, барајќи од Брисел да ја преиспита директивата.

Во преписката се предупредува дека, без значајни измени во директивата на ЕУ, Катар би можел да го насочи извозот на течен природен гас кон пазари кои нудат „постабилни и поволни услови за бизнисот“.

Директивата на ЕУ за длабинска анализа на синџирот на снабдување, усвоена минатата година, бара од големите европски компании да ги ревидираат своите глобални синџири на снабдување – од суровини до готови производи – за да откријат и решат проблеми како што се злоупотреби на човековите права или штети врз животната средина.

Кога директивата ќе се спроведе, европските компании ќе бидат обврзани да обезбедат дека нема робовска или детска работна сила кај добавувачите никаде во светот. Германија веќе има сличен закон.

Директивата, исто така, ги обврзува бизнисите да развијат планови за климатска транзиција усогласени со Парискиот договор од 2015 година.