Реклами на „Зара“ забранети бидејќи манекенките биле премногу слаби

Две реклами од модниот бренд „Зара“ се забранети поради прикажување манекенки кои изгледале „нездраво слаби“. Управата за рекламни стандарди (АСА) соопшти дека на една реклама манекенката изгледа многу  слаба, а позата со длабоко деколте на друга слика ѝ ги покажува „испакнатите“ клучни коски.

Според проценката на британското надзорно тело за рекламирање „Advertising Standards Authority“ (ASA), во едната реклама, моделот изгледа премногу слаб, речиси исцрпен, додека во другата, вниманието беше насочено кон истакнатите клучни коски, што исто така беше оценето како несоодветно и неодговорно претставување на женското тело.

ASA заклучи дека ваквите реклами повеќе не треба да се прикажуваат, а Зара доби предупредување дека мора да подготвува визуелни материјали „со поголема одговорност“ во иднина.

Зара ги отстрани контроверзните фотографии од својата веб-страница и апликација.

Сепак, тие изјавија дека двата модели имале лекарски уверенија дека биле во добра здравствена состојба во времето на снимањето.

Спорните фотографии биле дел од галерија на дигиталните платформи на Зара и ги прикажувале облеките на моделите и одделно, објавува Б92.

Во една реклама, која промовирала краток фустан, сенките на нозете дополнително ја нагласувале слабоста на моделот, додека позициите на рацете и лактите го засилувале впечатокот за неприродна слабост.

Друга реклама, која промовирала кошула со длабоко деколте, особено ги прикажувала клучните коски – до тој степен што тие станале централен визуелен елемент на рекламата.

Зара проговори

Зара тврди дека фотографиите не биле дигитално ретуширани, освен за мали корекции на осветлувањето и бојата. Тие исто така истакнуваат дека се водат од упатствата од британскиот извештај „Мода за здрава иднина“ од 2007 година, кој го регулира здравјето на моделите во индустријата.

Зара тврди дека се придржува до препораките од тој документ, меѓу кои е и правилото дека моделите мора да имаат лекарско уверение за здравје кое ги препознава нарушувањата во исхраната.

Интересно е што Зара наведува дека не добила никакви поплаки од потрошувачите.

Оваа година, ASA веќе забрани неколку реклами од други големи модни куќи. Брендот „Marks & Spencer“ мораше да ја повлече рекламата, бидејќи моделот изгледаше „нездраво слаб“.

Слична ситуација се случи и со брендот „Next“, чија реклама за сини тесни фармерки не го помина тестот – бидејќи аголот на снимање дополнително ја нагласуваше виткоста на моделот, што беше оценето како „неодговорно“.