19-ти пакет санкции, Европа удира по Русија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека 19-тиот пакет санкции на Европската унија против Русија ќе биде презентиран на почетокот на септември.

Досега усвоивме 18 пакети санкции и моментално работиме на подготовка на 19-тиот пакет, кој ќе биде презентиран на почетокот на септември. Додека продолжува крвопролевањето во Украина, Европа ќе го одржува дипломатскиот, а особено економскиот притисок врз Русија – изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со претседателот на Украина Володимир Зеленски во Брисел.

Според бриселскиот портал Политико, таа нагласи дека мерките преземени досега имале ефект врз воените способности на рускиот претседател Владимир Путин, додавајќи дека замрзнатите руски средства веќе се пренасочени за поддршка на Украина, пренесува Танјуг.

– Мора да го подготвиме 19-тиот пакет за Русија да види дека сме решени. Потребно е да продолжиме да го ограничуваме нејзиниот потенцијал – изјави Фон дер Лајен.

Како што изјави таа, Европската Унија ќе продолжи да ја таргетира руската воена економија, така што, според неа, Путин ќе седне на преговарачка маса.

Претседателот на Европската комисија ќе биде меѓу европските лидери кои утре ќе го придружуваат претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за време на средбата со претседателот на САД, Доналд Трамп, во Белата куќа.

– Ова се тешки времиња. Само Украина може да одлучи за својата судбина, но Европа секогаш ќе биде со неа – заклучи фон дер Лајен.