Дали е крај за „All-inclusive“ – доаѓа ли „à la carte“ системот?

Хотелските услуги засновани на аранжмани „сè вклучено“, кои се исклучително популарни во Турција, наскоро би можеле да добијат нов концепт, изјавија за ТАСС извори од туристичката индустрија.

Според извештајот на Турската фондација за спречување на отпадот, во Турција годишно се фрлаат просечно 23 милиони тони храна, додека околу 35 проценти од овошјето и зеленчукот завршуваат во ѓубре пред да стигнат до трпезата. Како одговор на овој отпад, кој исто така ја поттикнува инфлацијата на цените на храната, Претседателството на Советот за земјоделска и прехранбена политика покрена иницијатива.

– Претставниците на турската туристичка индустрија постојано предлагаат ревизија на форматот „сè вклучено“. Сепак, повеќето од нив сè уште веруваат дека тој ќе остане, иако може делумно да се измени, земајќи ги предвид зголемените барања на туристите за квалитетот на услугата. Во овој поглед, постојат различни предлози, вклучително и оние презентирани од здружението на угостители, но конечната одлука за ова прашање сè уште ќе зависи од хотелите што примаат туристи – изјави извор од туристичката индустрија.

Имено, Советот подготви сеопфатен извештај за борбата против расипништвото, кој ќе му биде презентиран на претседателот Реџеп Таип Ердоган, пишува „Сабах“. Се очекува дека, откако ова прашање ќе биде презентирано пред Собранието, законските мерки ќе го стават крај на расипништвото и ќе ги спречат рестораните да наметнуваат задолжителни порции за таканаречените „луксузни појадоци“.

Половина од појадокот завршува во ѓубре
Трендот на „луксузни појадоци“, кој стана многу популарен во последниве години, се претвори во вистинска тортура. Рестораните кои одбиваат да служат појадок за двајца кога има тројца гости на масата, инсистирајќи на послужување според бројот на луѓе, не само што предизвикуваат незадоволство кај гостите, туку и го зголемуваат фрлањето храна.

Рамзан Бингол, член на Претседателскиот совет за земјоделска и прехранбена политика и претседател на Здружението на сите угостителски и туристички работници (TÜRES), рече дека дури 50 проценти од „луксузните појадоци“ се фрлаат.

– Овој отпад се зголемува поради инсистирањето на ресторанот на бројот на гости. На пример, тројца или четири пријатели лесно би можеле да појадуваат за двајца, но многу ресторани наметнуваат порции врз основа на бројот на гости. Тие носат повеќе храна, од која дел дури и не ја допира пред да ја напушти масата. Храната што се става на чинијата, но не се јаде, оди директно во ѓубре.

Бингол, исто така, забележа дека хотелските бифеа се уште еден извор на отпад.

– Луѓето земаат по малку од сè, мислејќи дека има многу избори, но не јадат сè. Милиони лири се трошат залудно – рече тој.

Нагласувајќи дека за борба против инфлацијата на цените на храната во Турција, потребно е прво да се спречи расипништвото, Бингол додаде: „Како Претседателски совет за земјоделска и прехранбена политика, подготвуваме сеопфатен извештај. Во рок од два месеци, прво ќе го презентираме овој извештај на нашиот претседател, а потоа и на надлежните институции.“

Бингол објасни дека ако извештајот стигне до Собранието, би можеле да се воведат одредени мерки за да се спречи расипништвото.

– Во хотелите, системот „сè вклучено“ би можел да се смени во систем „à la carte“. Едно лице би нарачало онолку храна колку што може да изеде. Наместо да земе сè што видел и да не јаде, гостинот би ја напуштил масата со храната што ја избрал и која го наситила. Исто така, доколку постојат законски прописи, рестораните и кафулињата нема да можат да наметнат задолжителни порции по лице. Тројца лица можат да појадуваат за двајца, а пет-шест лица за четворица. Доколку објектот не го дозволи тоа, клиентот може да ја пријави ситуацијата во Министерството за трговија, кое ќе изрече казна – рече тој, пренесува Б92.

Забрана за фрлање храна на улиците
Во извештајот подготвен од Претседателскиот совет за земјоделска и прехранбена политика, особено е нагласен делот за уличните животни. Се нагласува дека храната не смее да се фрла на улиците под изговор за хранење животни. Бингол објаснува дека ова не само што го валка градот, туку и го зголемува ширењето на бактерии.

– Животните што ја јадат оваа храна исто така се разболуваат. Улиците стануваат место за размножување на микроби. Има многу поплаки и од ветеринари. Во ниедна европска земја не можете да фрлате храна на улица под изговор за хранење улични животни. Ова исто така ја нарушува природната рамнотежа – нагласи тој.

Бингол нагласува дека остатоците од храна или леб треба да се собираат и да се испраќаат во засолништа за животни, но додава: „Секако, најважно е да се спречи тоа да се случи уште на почетокот“.