САД воведоа нови санкции за компании кои нелегално тргуваат со Иран

Американскиот Стејт департмент вчера стави санкции на две кинески фирми кои раководат со терминал и складиште за нерафинирана нафта и нафтени деривати, што го помагаше недозволениот увоз на милиони барели иранска нафта преку многубројни танкери заведени во САД.

Според објавата од Стејт департментот, „ова е четврта серија санкции против кинеските управувачи на терминали кои имаат важна улога во мрежата за трговија со иранска нерафинирана нафта што го финансира иранскиот тероризам во странство и го дестабилизира регионот“.

Во објавата се подвлекува дека со овој чекор, „САД го намалуваат протокот на финансии што иранскиот режим ги користи за своите дестабилизирачки дејства, вклучувајќи и поддршка на тероризмот во странство и репресија на сопствениот народ“.

Паралелно, Министерството за финансии на САД стави санкции на грчкиот граѓанин Антониос Маргаритис и неговата мрежа од компании, како и на флота од приближно десетина бродови во рамките на „флотата во сенка“ на Иран.

Според објавата на интернет страницата на министерството, Маргаритис го олеснувал недозволениот превоз и продажба на иранска нафта.

Санкции исто така беа применети и на 13 други претпријатија поради нивната улога во извозот на иранска нафта, со седишта во Хонг Конг, Кина, Обединетите Арапски Емирати и Маршалските Острови, како и на осум брода.