Кои беа најпродаваните брендови во поранешна Југославија

Поранешна Југославија имаше производи кои заземаа посебно место во домаќинствата, а меѓу најбараните беа пијалокот „кокта“, зачинот „вегета“ и многу други препознатливи брендови.

Безалкохолниот газиран пијалок „кокта“ се произведува во Словенија од 1953 година и беше одговор на Југославија на тогаш недостапната „кока-кола“, а воедно и симбол на потрошувачкото општество.

Популарен беше и „вегета“, универзален додаток во исхраната од хрватската компанија Подравка од Копривница, кој беше лансиран во 1959 година. Според производителот, тоа е единствена комбинација од неколку видови зачини и седум видови сушен зеленчук.

Бисквитот „Плазма“, произведен од Бамби од Пожаревац од 1967 година, беше омилен кај децата и возрасните.

Кон крајот на 1960-тите, компанијата Цедевита го претстави истоимениот витамински инстант пијалок, кој брзо доби значителна популарност. Денес, компанијата работи во рамките на Хрватската група Атлантик.

Во седумдесеттите години од минатиот век, соковите на Фруктал од словенечката Ајдовшчина беа луксуз и статусен симбол.

Автомобилот „фичo“ (Застава 750) од Крагуевац стана симбол на достапен транспорт и прво возило на многу семејства, додека автомобилот „југо“ беше извезен и во странство како симбол на модерна Југославија.

Џебниот калкулатор DB-800 од истарската компанија Дигитрон стана многу популарен почнувајќи од 1971 година, па многу луѓе го користеа името „дигитрон“ како општ термин за калкулатор, објавува Biznisinfo.ba.

Словенечката фабрика Рог во Љубљана произведуваше популарни велосипеди „пони“, но подоцна банкротираше, а правото за производство на велосипеди го купи словенечкиот концерн Горење.

Соко Штарк го направи познат брендот за грицки „Смоки“, а од 1970-тите, потрошувачите од поранешна Југославија можеа да уживаат и во чоколадниот бисквит „домачица“.

Овие производи се паметат и денес, не само како брендови, туку и како дел од колективната меморија на генерациите што пораснаа во поранешна Југославија, заклучува сараевскиот портал.