
Контролите беа реализирани во повеќе градови низ државата, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи.
Од вкупно 167 контролирани субјекти, кај 69 (41,3%) од контролираните субјекти биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет. Од нив, 51 глоби се за неиздавање на фискални сметки, 14 за неводење на книга за дневни извештаи, 2 за непоседување на резервен фискален систем на опрема и 2 заради тоа што фискалната сметка не ги содржи пропишаните елементи.
За утврдените неправилности донесени се 69 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот. За еден субјект поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна:
- Во Скопје извршени се 41 контроли, а утврдени се 11 неправилности;
- Во Охрид, Битола и с.Добрушево, Могила извршени се 23 контроли, а утврдени се 5 неправилности, од кои: по 2 неправилности во Охрид и Битола и 1 во с.Добрушево, Могила;
- Во Прилеп, Кавадарци, Велес, Градско и Росоман извршени се 22 контроли, a утврдени се 7 неправилности, од кои 3 во Прилеп, 2 во Росоман и 2 во Велес;
- Во Тетово, Гостивар и Кичево извршени се 42 контроли, а утврдени се 22 неправилности, од кои 6 во Тетово, 7 во Гостивар, 3 во Кичево, 4 во с.Вруток, 1 во с.Равен и 1 во с.Жеровјане;
- Во Штип, Пробиштип, Виница и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 20 неправилности: 10 во Куманово, 4 во Штип, 4 во Виница и 2 во Пробиштип;
- Во Струмица и Берово извршени се 5 контроли со утврдени 5 неправилности, од кои 1 во Струмица, 3 во Берово и 1 во Ново Село.
Апелираме до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
Редовното и точно пријавување на приходите и навременото плаќање на даноците не е само законска должност, туку и морална обврска кон општеството. Даночните средства се основа за финансирање на здравството, образованието, инфраструктурата и други јавни услуги од кои сите ние имаме корист. Одговорноста почнува од секој поединец и секоја компанија.
Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување.











