Сканија отпушта 750 работници во Шведска

Шведскиот производител на камиони и автобуси „Сканија“, дел од германската групација „Фолксваген“, ќе укине 750 работни места во Шведска.
Компанијата како причина ја наведе потребата од прилагодување кон новите пазарни услови, пренесува француската новинска агенција АФП.

„Сканија“ ќе укине околу 400 работни места во одделенијата за човечки ресурси и околу 300 во деловните единици, но нема да има отпуштања во производството.

За да останеме силни во иднина, мора да се прилагодиме, да го развиеме нашиот начин на работа и да размислиме повторно за тоа како сме организирани, напишаа тие во пораката.

„Сканија“, која вработува вкупно 59.000 луѓе низ целиот свет, не објасни како се промениле пазарните услови, објави АФП.

„Тратон“, кој го консолидира производството на камиони и автобуси на „Фолксваген“ под брендовите „Сканија“, „МАН“, „Интернешнл“, „Фолксваген Трак енд Бус“, „ИЦ Бус“ и „Неоплан“, објави во јули дека продал четири проценти помалку возила во првата половина од оваа година во споредба со претходната година и дека се соочува со неизвесност од своите американски клиенти поради царините.