
„Волво карс“ продаде 48.029 автомобили во август, што е пад од девет проценти во споредба со истиот период минатата година, соопшти во четврток шведската компанија, која е во мнозинска сопственост на кинескиот производител на автомобили „Џили“.
Продажбата на целосно електрични возила се намали за 28 проценти, па тие учествуваа со 20 проценти од вкупниот обем на продажба. Кога ќе се вклучат и хибридите со приклучок, продажбата на електрифицирани возила се намали за 17 проценти и учествуваше со 43 проценти од вкупната продажба, објавува Ројтерс.
Компанијата веќе објави остар пад на кварталната добивка во јули, предупредувајќи дека побарувачката останува слаба и нестабилна поради слабеењето на довербата на потрошувачите, додека новите царински давачки дополнително ја оптоваруваат автомобилската индустрија.
Волво Карс ги реструктуира своите операции во Кина и поширокиот Азиско-пацифички регион за да се прилагоди на забавувањето на продажбата и растечката конкуренција од домашните производители.
Од 1 септември, Жу Линг, поранешен потпретседател на брендот Zeekr, кој е во сопственост на Geely и моментално се подготвува за приватизација, е назначен за раководител на операциите во Азиско-пацифичкиот регион. Волво се надева дека неговото искуство ќе помогне во зајакнувањето на неговиот фокус на регионалниот пазар.
Како дел од пошироката стратегија за штедење, „Волво“ започна програма за ефикасност вредна 18 милијарди шведски круни (1,9 милијарди долари), која предвидува намалување на работната сила на глобално ниво од околу седум проценти, или 3.000 работни места. Во Кина, намалувањата најтешко го погодија истражувачки и развојен центар во Шангај.
Во исто време, „Гили“ ги консолидира своите автомобилски операции преку планираното спојување на брендовите „Зикр“ и „Линк и Ко“ во рамките на „Гили Аутомобил Холдингс“, со цел да се поедностави структурата и да се зајакне конкурентноста.
Аналитичарите велат дека овие промени ги одразуваат предизвиците со кои се соочуваат меѓународните брендови, бидејќи кинеските производители, како што е BYD, брзо го прошируваат својот удел на пазарот на електрични возила.











