
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во четврток дека неговата администрација ќе воведе царини за увоз на полупроводници од компании кои не го преместуваат производството во САД, зборувајќи пред вечерата со извршните директори на големите технолошки компании.
Откако се врати во Белата куќа во јануари, заканата на Трамп со царини ги отуѓи трговските партнери, предизвика нестабилност на финансиските пазари и ја зголеми глобалната економска неизвесност, објави Ројтерс.
„Да, разговарав за тоа со луѓе овде. Чипови и полупроводници – ќе воведеме царини за компаниите што нема да дојдат. Наскоро ќе воведеме царини“, рече Трамп, без да даде точна временска рамка или стапка. Тој додаде дека царината ќе биде „значајна, не премногу висока, но доволно сериозна“, истакнувајќи дека оние што веќе произведуваат во САД или планираат да отворат фабрики нема да ја платат. Трамп рече дека, на пример, „Епл е во добра позиција“.
Епл неодамна ја зголеми својата вкупна обврска за домашни инвестиции во САД на 600 милијарди долари во текот на следните четири години, бидејќи технолошките лидери се приближуваат кон Трамп во неговиот втор мандат.
Минатиот месец, Трамп објави царина од околу 100 проценти за увоз на полупроводници, што нема да важи за компаниите што произведуваат во САД или веќе се обврзале да го сторат тоа. Тајванскиот гигант TSMC, како и јужнокорејските Samsung и SK Hynix, веќе најавија инвестиции во производство на чипови во САД.
Сепак, Трамп се соочува и со правни предизвици поради неговата широка употреба на царини. Неговата администрација побара од Врховниот суд на САД да го забрза процесот и да ги потврди царините, кои се потпираат на законот за вонредна состојба од 1977 година, откако понизок суд ги поништи голем дел од мерките што се централни за неговата економска и трговска агенда.











