
На 5 септември, Кина воведе прелиминарни антидампинг давачки до 62,4 проценти за одреден увоз на свинско месо од Европската Унија, продлабочувајќи го трговскиот спор што избувна откако ЕУ воведе давачки за кинеските електрични возила.
Според соопштението од Министерството за трговија на Кина, истрагата покажала дека имало дампинг што предизвикал штета на домашната индустрија, па затоа биле воведени тарифи во опсег од 15,6 до 62,4 проценти, кои ќе стапат на сила на 10 септември, пренесува Ројтерс.
Компаниите што соработувале во истрагата, вклучувајќи ги производителите од Шпанија, Данска и Холандија, добиле пониски давачки, од 15,6 до 32,7 проценти, додека сите други фирми биле погодени со максимална стапка од 62,4 проценти.
Истрагата, започната во јуни 2024 година, е широко толкувана како кинеска одмазда за европските мерки против кинеските електрични возила. Извозот на свинско месо од ЕУ во вредност од повеќе од две милијарди долари е под удар, а најголемиот дел оди во Шпанија, Холандија и Данска.
Одлуката ги разочара европските производители, кои се надеваа дека продолжувањето на истрагата до јуни 2025 година би можело да значи приближување кон договор за спорните тарифи за електрични возила. Иако мерката засега е само прелиминарна и би можела да се промени до крајот на истрагата во декември, аналитичарите проценуваат дека шансите за компромис се намалуваат.
Сепак, Министерството за трговија на Кина со одлуката објави дека е подготвено да ги реши трговските спорови со ЕУ преку дијалог и консултации.











