Финската компанија Lindström доаѓа во Загреб

29

Финската текстилна компанија Lindström наскоро во близина на Загреб ќе отвори сервисен центар за наем на висококвалитетна работна облека, која пред се ќе биде наменета за деловните клиенти.

“Започнувањето со работа во Хрватска е една од стратешките цели на компанијата, затоа што хрватскиот пазар има потенцијал за раст. Целта ни е да станеме лидер на пазарот”, вели директорот на оваа финска компанија за Хрватска, Мислав Баришиќ.

Тој напоменува дека ваквиот вид на услуги главно им е непознат на домашните деловни корисници, а предностите се бројни, особено поради заштедите што можат да се остварат.

“Предностите на изнајмување работна облека за деловните клиенти се повеќекратни – на компаниите им овозможуваат заштеди, заштитните одела остануваат во сопственот на давачот на услуги, а корисникот ја плаќа само услугата наем”, вели претседателот на Lindström Група, Јуха Лаурио.

Тој истакнува дека овој модел на работење веќе го препознале фирми ширум светот и пазарот брзо се шири. Lindström на своите клиенти им нуди услуги на наем, во кои се вклучени секојдневно перење на употребената и достава на чиста работна облека. Оваа финска компанија во моментот работи во 21 држава, има 2.500 вработени, а во 2011 година оствари 262 милиони евра приход.