Проект од 4 милијарди долари:Морска вода ќе се претвора во пивка за милиони луѓе

Јордан го започна проектот Aqaba-Amman Water Desalination & Conveyance Project, најголемиот инфраструктурен проект во историјата на земјата, со кој има за цел да го реши хроничниот проблем со недостигот на вода за пиење.

Станува збор за национален систем за водоснабдување што ќе овозможи преработка на морска вода од Црвеното Море во вода за пиење и нејзин транспорт до главниот град Аман и други области.

Проектот вклучува изградба на постројка за десалинизација во Акабанскиот Залив и мрежа од цевководи долги околу 450 километри, кои ќе транспортираат вода до северниот дел на земјата. Годишно ќе се произведуваат 300 милиони кубни метри вода за пиење, што е доволно за значително олеснување на постојните, веќе исцрпени, извори на подземна вода.

Вредност на проектот и меѓународна поддршка
Технологијата што ќе се користи се базира на процесот на обратна осмоза, еден од најефикасните методи за десалинизација. Посебно внимание се посветува на еколошките аспекти, па затоа значителен дел од потребната енергија ќе доаѓа од сончеви извори.

Проценетата вредност на овој мега проект е помеѓу 3 и 4 милијарди евра. Финансирањето ќе се обезбеди преку комбинација од државни средства, заеми од меѓународни банки за развој и приватни инвестиции. Меѓу главните финансиери се Европската инвестициска банка (ЕИБ) и други меѓународни организации.

Првата фаза од изградбата треба да биде завршена до крајот на 2028 година, по што ќе започне дистрибуцијата на вода за пиење до Аман и други региони. Прелиминарните работи, вклучувајќи студии за влијание врз животната средина и избор на изведувачи, веќе се во тек.

Стратешко значење
Јордан е меѓу најранливите земји во светот кога станува збор за вода, со зголемен притисок поради климатските промени и растот на населението. Овој проект има за цел да обезбеди долгорочна стабилност на снабдувањето со вода, да ја намали зависноста од намалувањето на подземните води и да ги ублажи последиците од честите суши.

Јорданската влада нагласува дека проектот не е само инфраструктурен потфат, туку и основа на идната национална стратегија за води до 2040 година. Се очекува да го подобри квалитетот на животот на милиони луѓе и да го поттикне економскиот развој, особено во земјоделството и туризмот.