
Американската мултинационална компанија „Марс“, производител на популарните бомбони „М&М“ и „Скитлс“, во четврток објави дека планира да инвестира една милијарда евра во своите операции во Европската Унија до крајот на 2026 година, што треба да го зголеми нивното производство, одржливост и развој на иновативни производи.
Новата инвестиција е продолжение на повеќе од 1,5 милијарди евра што производителот на слатки веќе ги инвестираше во производство во Европската Унија во последните пет години. Марс моментално има 24 фабрики во 10 земји од ЕУ, во кои се вработени околу 25.000 работници.
Минатата година, Марс склучи договор за купување на Келанова (Kellanova), производител на популарниот чипс Принглс, за 36 милијарди долари. Во јуни, аквизицијата беше одобрена од американските регулатори, но во Европа сè уште е под лупа на Европската комисија.
Во среда, еден ден пред Марс да ги објави своите европски инвестиции, европските регулатори за конкуренција изјавија дека ја продолжуваат истрагата за спојувањето Марс-Келанова и дека ќе донесат конечна одлука за одобрување до 19 декември, се вели на веб-страницата на Европската комисија.
Комисијата ја отвори истрагата во јуни, а потоа привремено ја суспендираше во јули, додека чекаат двете компании да им ги достават бараните информации. Истрагата беше започната поради загриженост дека спојувањето на Марс и Келанова може да доведе до зголемување на цените на нивните производи и зголемување на преговарачката моќ на Марс со европските малопродажни синџири.
Фото: Pixabay











