
БДП на Германија би можел малку да порасне во третиот квартал, објави Германската федерална банка – Бундесбанк, додека владата на Фридрих Мерц започнува „есенска реформа“ за оживување на економската активност.
Бруто домашниот производ (БДП) се намали за 0,3 проценти во вториот квартал, објави Бундесбанк во својот месечен билтен, пренесува Бета.
Проценката е дека германската економија „покажува релативна цврстина во тешка средина“.
Благото летно закрепнување би спречило економијата да падне во техничка рецесија – кога економската активност опаѓа два последователни квартали.
Подобрувањето е особено очекувано во индустријата, која е силно погодена од високите цени на енергијата и конкуренцијата, особено од Кина, и сега мора да се справи со дополнителни американски царини.
Сепак, германската индустрија, предводена од автомобилската и машинската индустрија, „останува силна и би можела да го поддржи растот во третиот квартал“, очекува Бундесбанк.
Во градежниот сектор, сè уште се очекува закрепнување, се предвидува дека приватната потрошувачка ќе се зголеми малку, додека бројот на невработени надмина три милиони во август, што предизвика незадоволство кај населението.
Бранејќи го буџетот за 2025 година во Бундестагот (долниот дом на парламентот), кој беше донесен доцна поради пролетните избори, конзервативниот канцелар Мерц рече дека економскиот модел на Германија е под притисок и најави есенски реформи, нагласувајќи пофер и поевтина социјална држава.
Буџетот вклучува и јавни инвестиции во инфраструктурата и одбраната, како и даночни олеснувања за бизнисите, кои се најголеми во последните 15 години.
Сепак, неколку германски институти ги намалија своите прогнози за раст за 2025 година на почетокот на септември. Се очекува германскиот БДП да порасне за 0,1 до 0,2 проценти во споредба со прогнозата од 0,3 проценти ова лето, по падовите во 2023 година (-0,7 проценти) и 2024 година (-0,5 проценти).
Фото: printscreen Youtube











