
Германската економија би можела да забележи мал раст во третиот квартал, процени централната банка во својот редовен месечен извештај, што укажува дека Германија би можела да избегне рецесија.
„Севкупно, реалниот бруто домашен производ (БДП) би можел малку да се зголеми во третиот квартал од 2025 година, гледано од сегашна перспектива“, проценуваат експертите на Бундесбанк во нов извештај. Економијата, како што е оценета, е релативно стабилна, во тешки услови.
Активноста во најголемата европска економија се намали во 2023 и во 2024 година, а по скромното закрепнување во првите месеци од оваа година, повторно падна во периодот од април до јуни, за 0,3 проценти.
Ова значи дека позитивниот резултат во летните месеци би ја отстранил заканата од рецесија, која економистите генерално ја дефинираат како пад на активноста два квартала по ред.
Условите за инвестиции се сè уште неповолни со оглед на повисоките царински давачки на САД, објавува Хина, но нема индикации дека тие значително се забавиле во периодот од јули до септември, забележуваат експертите од централната банка.
Индустриското производство, исто така, го започна третиот квартал со суфицит, првенствено благодарение на инженерскиот сектор, а неговиот пад во јуни беше значително поблаг отколку што покажаа прелиминарните проценки.
„Основниот тренд на побарувачката за германски индустриски стоки продолжува да покажува нагорна траекторија“, се вели во извештајот.
Намалените испораки на американскиот пазар веројатно нема да имаат толку силно влијание врз економијата во третиот квартал како во текот на пролетта, прогнозира Бундесбанк.
Водечките економски институти очекуваат германскиот БДП да порасне за 0,3 проценти во целата 2025 година.











