
Младите и економски послабите граѓани во Србија, Косово и Албанија се преселуваат во оддалечените делови на градовите или целосно ги напуштаат урбаните средини, бидејќи не можат да си дозволат кирија или купување на сопствен дом, се наведува во анализа на бриселскиот веб-портал „Еуобсервер“.
Паралелно со ова, Европската комисија започна програма со земјите членки на ЕУ за изградба на голем број субвенционирани станови и достапни домови на пазарот, со цел да се справи со кризата предизвикана од неконтролираниот раст на цените на недвижностите и кириите во ЕУ.
За таа цел, беше формирана специјална работна група на ЕК, која истакна дека овој социјален проблем се повеќе се забележува и при изборот на гласачите во земјите на Унијата, особено кога станува збор за зголемување на поддршката на крајно десничарските партии.
Во Србија, Албанија и Косово, категоријата на евтини социјални станови практично не постои, а младите и лицата со просечни примања не можат да опстанат во градовите поради зголемените кирии и цени на новоизградените станови, па затоа или живеат со своите родители или се иселуваат, покажува анализата на „Еуобсервер“.
Според податоците, во ЕУ најмалку десет проценти од луѓето трошат 40 проценти од своите приходи за кирија или кредит за домување кое е со минимален квалитет. Во Србија, Албанија и особено во Косово, младите и сиромашните слоеви на населението, се додава во статијата, би морале да потрошат повеќе од половина од просечната плата за да живеат во гарсоњера.
ЕК заклучи дека станбената криза достигна алармантна фаза, а специјалниот европски комесар за домување и енергетика, Ден Јергенсен, кој беше назначен оваа година, изјави дека “пристапот до домување стана еден од најголемите проблеми на Унијата… бидејќи голем број луѓе немаат пристап до пристојно домување и достоинствен живот”.
Исто така, се покажа дека не само просечната плата е важна за трошоците за домување, туку и „медијалната нето плата“ која ја покажува реалната способност за плаќање и е секогаш пониска од статистички просечната плата.
Аналитичарите на „Еуобзервер“ се повикуваат на ова и наведуваат дека во Србија во декември 2024 година, просечната плата била 837 евра, но медијалната плата била 667 евра, додека изнајмување стан со една соба во центарот на Белград чини помеѓу 600 и 1,200 евра. Во предградијата на Белград, треба да платите помеѓу 300 и 650 евра за стан со една соба, како што покажуваат податоците од светската база на податоци „Нумбео“ за трошоците за живот. Според статистичката агенција на ЕУ „Евростат“, прифатливата цена на домувањето не смее да надмине 40 проценти од приходот на домаќинствата.
„Еуобсервер“ истакнува дека за изнајмување на еднособен стан во предградие на Приштина мора да се издвојат најмалку 225 евра, а во центарот 300 евра. Тоа исто така укажува дека просечната плата во Косово била најниска во регионот, со 552 евра во декември 2024 година.
„Албанија е помеѓу Белград и Приштина во однос на просечниот месечен приход“, се додава во анализата и се вели дека просечната месечна плата во Албанија е околу 30 проценти пониска отколку во Србија. Изнајмувањето на еднособен стан во Тирана чини помеѓу 500 и 900 евра месечно во центарот, додека на периферијата на градот се движи помеѓу 350 и 500 евра.











