Што ќе се случи ако Западот ги „украде“ замрзнатите руски средства

Конфискацијата на замрзнатите руски средства во Европа нема да доведе до хаос, туку до остри одмазднички мерки од страна на Русија, изјави синоќа портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, коментирајќи ја изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон.

Макрон претходно изјави дека Европа „во суштина е обврзана од потребата да се почитуваат меѓународните правила“ во врска со замрзнатите руски средства и дека кршењето на тие правила, рече тој, ќе доведе до „целосен хаос“, пренесе Банкар.ме.

„Нема да има хаос. Ќе има мерки. Строги. И тие го знаат тоа“, изјави Захарова.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 10 септември изјави дека ЕК нема намера да конфискува замрзнати руски средства на Запад, туку ќе ги користи за издавање кредити на Украина.

Поголемиот дел од замрзнатите руски средства во Европа, нешто повеќе од 200 милијарди евра, се блокирани на платформата Euroclear во Белгија.

Москва постојано се спротивставуваше на експропријацијата на средства, предупредувајќи дека тоа би можело да доведе до тоа Русија да заплени европски или белгиски средства низ целиот свет преку судовите.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека глобалниот финансиски и економски поредок ќе биде уништен, а економскиот сепаратизам само ќе се засили, доколку Западот ги „украде“ замрзнатите руски резерви.

Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека Москва сигурно ќе возврати за кражбата на нејзиниот имот во Европа.

Фото: Pixabay