
Според проценките на Стопанската комора на Дубаи, во следните пет години економската соработка има потенцијал да се зголеми за 12 %, таргетирано во секторите трговија, одржливост и дигитална економија.
Бизнисмените од Дубаи не возвратија на априлската посета, претседателот и главен извршен директор на Стопанска комора на Дубаи Мохамед Али Рашед Лута, заедно со бизнис делгација од Дубаи се сретна со владини и бизнис претставници од земјава. Мапирани се повеќе сектори за потенцијално инвестирање, енергетика, рударство и минерални суровини, земјоделство, туризам, дигитална трансформација.
“Трговијата меѓу нашите пазари достигна вкупно 495 милиони американски долари во текот на изминатите пет години, нагласувајќи го долгорочниот тренд на позитивен ангажман и растечки можности. Овој моментум се одразува и во растечкото присуство на македонските компании во Дубаи во различни сектори“ – изјави Рашед Лута.
Ова практично е втора по ред средба на високо ниво меѓу претставници на Македонија и на бизнис заедницата од Дубаи. Според проценките на Стопанската комора на Дубаи, во следните пет години економската соработка има потенцијал да се зголеми за 12 %, таргетирано во секторите трговија, одржливост и дигитална економија.
Обединетите Арапски Емирати не котираат високо меѓу најзначајни трговски и инвестициски партнери на земјава. Приматот во трговската размена и натаму отпаѓа на ЕУ, а најголем поединечен трговски партнер останува Германија со која во првите седум месеци од годинава сме имале вкупна трговска размена во вредност од 2,4 милијарди евра. Воедно, најголемите инвестиции во земјава исто така доаѓаат од земјите во ЕУ, како Австрија, Унгарија, Холандија, Грција, Обединетото Кралство.
“Бизнис инфо“ ги провери официјалните податоци за инвестицискиот тренд што го имаме взаемно со Обединетите Арапски Емирати. Според достапните податоци од НБМ во 2021-та македонските вложувања во ОАЕ изнесувале нецели 900.000 милиони евра или само 0,72 % од вкупното инвестициско портфолио на државата во странство. Следната 2022 година вредноста на инвестициите се зголемува на 1,35 милиони евра со удел во вкупните вложувања во странство од 0,78 %, а во 2023 -та апсолутниот износ се зголемува на 2,15 милиони евра додека процентуaлното учество изнесува 0,73%.
Од друга страна, во анализираниот тригодишен период инвестициите од ОАЕ во Македонија се неколкукратно поголеми, но и со тие бројки Обединетите Арапски Емирати се меѓу “најслабите“ странски инвеститори во земјава. Така во 2021- та инвестициите во земјава изнесувале 9,49 милиони евра, следната 2022- та биле на ниво од 6,07 милиони евра, а во 2023- та се намалуваат на 2,81 милион евра.
Дубаи, најнаселениот град во ОАЕ, синоним за богатство, луксуз и бизнис на “висока“ нога, изминатите години, освен атрактивна туристичка дестинација за дел од македонските граѓани, стана често споменуван и како инвестициска дестинација за поранешни и сегашни познати личности, политичари, функционери и бизнисмени. Неретко Дубаи беше тема на меѓупартиски обвинувања за “златни визи“ и “тајни “инвестиции.
Во април годинава, за време на официјалната посета на македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски беше најавено дека Обединети Арапски Емирати (ОАЕ) ја укинуваат визата за македонските граѓани, потег кој треба да влијае врз зајакнување на меѓусебните трговско-инвестициски односи, слободно патување, зајакнување на меѓусебното партнерство. При посетата на Абу Даби, главниот град на ОАЕ, беа остварени средби и со владини претставници и со инвеститори на кои биле презентирани инвестициските можности и инфраструктурните потенцијали на Македонија.
Д.А.
Фото: Pixabay