Жителите на Амстердам го тужат градот поради масовниот туризам: Бараат повисоки даноци и построги мерки за ограничување на бројот на туристи

Бројот на ноќевања во Амстердам продолжува да расте, а локалното население ја достигна својата критична точка. Граѓанската иницијатива „Амстердам има избор“ поднесе тужба против градската власт, обвинувајќи ја за неефикасно управување со туризмот и непочитување на законот со кој се ограничува бројот на туристички ноќевања на 20 милиони годишно. Граѓаните бараат повисоки даноци за престој и итни мерки за зачувување на квалитетот на животот во градот.

И покрај мерките за ограничување на бројот на туристи, бројот на ноќевања во Амстердам се зголеми за три проценти во текот на 2024 година. Незадоволните граѓани решија да преземат драстичен чекор, тие ја тужеа градската власт за неефикасно управување со туризмот.

Жителите на Амстердам, кои со години се борат со негативните последици од масовниот туризам, покренаа судска постапка против градската власт, тврдејќи дека не прави доволно за да го запре растечкиот број посетители и да го заштити квалитетот на живот на локалните жители.

Во последните години, градските власти најавија голем број мерки за промена на имиџот на градот и намалување на влијанието на „забавниот туризам“, вклучувајќи кампањи против момински забави, алкохол, дрога и проституција.

„Амстердам има избор“: Граѓаните поднесуваат тужба
Граѓанската иницијатива „Амстердам има избор“ поднесе тужба против градската општина во понеделник. Иницијативата собра 50.000 евра донации од локалното население и е поддржана од 12 други граѓански организации.

Целта на тужбата е да се посочи неефикасното управување со туризмот и да се повикаат властите на одговорност за непочитување на сопствените закони.

Имено, уште во 2021 година, градот донесе одлука со која го ограничи бројот на туристички ноќевања на 20 милиони годишно, но во 2023 година тој број изнесуваше 22,9 милиони, а се очекува дека во 2025 година тој број дополнително ќе се зголеми, на помеѓу 23 и 26 милиони.

„Ноќевањата го надминаа договорениот лимит од 20 милиони веќе три години по ред, а градската администрација не презема ефикасни мерки“, вели Јаспер ван Дајк, еден од тужителите.

Постојат мерки, но тие не се доволни
Жителите признаваат дека градот веќе презел одредени чекори: туристичкиот данок е зголемен, бројот на крузери што влегуваат во градот е ограничен и воведена е забрана за изградба на нови хотели.

Сепак, и покрај сето ова, бројот на туристи сè уште расте, иако побавно отколку во претходните години. Во 2024 година, бројот на ноќевања се зголеми за три проценти во споредба со претходната година.

Повик за дополнително зголемување на данокот за престој
Амстердам веќе има највисок данок за престој во Европа, 12,5%, но граѓаните бараат дополнително зголемување.

„Благодарение на дополнителните приходи од повисокиот данок за престој, градот би можел да купи недвижен имот за да ја ублажи кризата со домувањето или да го реши проблемот со ѓубрето на улиците, што делумно е предизвикано од масовниот туризам“, вели Ван Дајк.

„Доколку градската администрација воведе значително повисоки даноци, приходите би ги надминале вкупните трошоци на сите претходни коалициски договори во Амстердам“, заклучи тој.