Несоодветни услови и лоша хигиена во училишта и градинки: АХВ уништи 83 кг небезбедна храна

Во текот на септември годинава, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршија инспекциски проверки во училишните кујни и кујните во градинките на целата територија на државата.

Беа спроведени 91 проверка во градинки и 23 вонредни надзори во училишта. За констатираните неправилности, како што велат од АХВ, издадени се девет решенија со наредби за нивно отстранување.

“Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните.”

Парични казни се изречени за три градинки, и поради несоодветно складирање, уништени се 24 килограми храна, информираат од АХВ.

Од спроведените проверки во училиштата, незадоволителни услови се констатирани само во една училишна кујна.

Отстапувања во однос на добрата производствена и добрата хигиенска пракса се утврдени во две кујни. Поради неточно обележување, уништени се 59 килограми храна.

Инспекциските служби на АХВ за утврдените неправилности при контролите во училишните кујни изрекоа една парична санкција и донесоа пет решенија со наредба за нивно отстранување.