
Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е во мнозинска сопственост на Русија, не доби ново одлагање на санкциите на Вашингтон воведени врз рускиот енергетски сектор, објави компанијата во четврток откако одлуката на Министерството за финансии на САД стапи на сила на полноќ.
После осум одложувања, американските рестрикции кон Нафтената индустрија на Србија (НИС), компанија во претежно руска сопственост, стапија на сила. НИС претставува еден од клучните столбови за функционирањето на целокупната српска економија.
„Санкциите воведени од САД поради мнозинската руска сопственост во компанијата стапуваат во сила од шест часот утрово (9 октомври)“, објавија од НИС.
Уште во јануари, САД ја објави одлуката за воведување ограничувања врз оваа есенцијална компанија за српската економија поради нејзината соработка со Русија. Сепак, имплементацијата на санкциите беше одложувана сè до денес.
НИС игра витална улога во обезбедувањето на нафтени деривати за населението на Србија. Исто така, компанијата има значаен придонес кон бруто домашниот производ и државниот буџет.
„Во моментов се обезбедени доволни залихи на нафта за преработка, додека бензинските пумпи се соодветно снабдувани со сите видови нафтени производи“, соопшти НИС откако американските санкции стапија на сила.
Србија, заедно со Белорусија, е единствената европска држава која не примени никакви санкции кон Русија по инвазијата на Украина во февруари 2022 година. Поради ова, Србија е под постојан притисок од Европската унија да се усогласи со надворешната политика на Брисел.
Досега, официјалните лица во Србија категорично ги отфрлаа сите предлози за воведување санкции кон Русија. Американските санкции против НИС претставуваат најсериозна мерка кон Србија поради нејзината соработка со Русија досега.